ВО МОСКВА ПРЕЗЕНТИРАНИ КНИГИ ОД МАКЕДОНСКИ АВТОРИ

Деновиве во Москва се одржа Литературна вечер посветена на книгите од македонските автори објавени во 2013 година на руски: „Послание. Поезија од Блаже Конески“ (Москва, издавачка куќа „У Никитских ворот“), „Кога ни гореше под нозете“од Катица Ќулавкова (Скопје, „Поетики“) и „Вежби за Ибн Пајко“од Оливера Николова (Москва, Центар за книга „Рудомино“), како и расказите од македонските автори објавени во списанијата „Иностранаја литература“и „Великорос“. 

Настанот е реализиран во организација на невладината организација Македонски културен центар во Москва, а го водеше неговата претседателка, преведувачката Олга Панкина. Присутните ги поздравил претставникот на Руската Федерација во Македонија, Јуриј Трушин, а за првиот македонски амбасадор во Русија, големиот македонски поет Гане Тодоровски, зборувал писателот Сергеј Гловјук, директор на Меѓународниот фестивал „Распеани букви“ во Твер, иницијатор на едицијата „Словенска поезија. Од век во век“. Тој се осврнал на развојот на македонската поезија, а Олга Панкина, преведувачката на промовираните книги, многу сликовито ги претставила. „Во Москва се рецитираа песни од двете поетски збирки, а поетскиот блок е заокружен со настапот на познатиот поет Вјачеслав Купријанов, кој говореше за своите контакти со македонски писатели и ги прочита своите преводи на песни од Конески и Клетников. Во рамките на Литературната вечер се одржа и изложба на графики од московскиот уметник Александар Белугин под наслов „Рај во Дрен“ каде што дојдоа до израз неговите впечатоци од престојот на Струмичката ликовна колонија. Александар е автор на ликовното решение за книгата „Послание“ од Блаже Конески. Претставувањето на книгите беше придружено со прекрасна музика од Фредерик Шопен во извонредна изведба на пијанистот Александар Малкус и пејачката Марлена Мош. (К.Б.)

© Македонский культурный центр